За нас

СОУ Перо наков

Средното општинско училиште  „Перо Наков“ во Куманово било формирано во 1945 година под името ОПШТО ЗАНАЕТЧИСКО УЧИЛИШТЕ „ПЕРО НАКОВ“. Во него биле застапувани струките: текстилна, кожарска, метална, трговска, електро и услужна дејност, а со профили од многу занимања и занаети кои за тоа време егзистирале. Oва училиште, под разни имиња, постоело од 1895 или 1896 година. Тогашното училиште било лоцирано на просторот до црквата „Свети Никола“ како УЧИЛИШТЕ ЗА КАЛФИ И ТРГОВСКИ ПОМОШНИЦИ. Така под разни имиња, функционирало повеќе од 100 години.
Војните и кризите не го прекинале континуитетот во работата. Особен развој Училиштето забележало 1946 год. кога со Одлука на Околискиот народноослободителен одбор било формирано како УЧИЛИШТЕ ЗА УЧЕНИЦИ ВО СТОПАНСТВОТО. Првите темели за развојот на Училиштето ги поставил првиот раководители Војо Цветановски, а наставата била изведувана во зградата на поранешна Гимназија, т.е. подоцна простории на Работничкиот универзитет „Професор Мијалковиќ“.
Во 1960 година, на основа на чл.160 од Општиот закон за школство (Сл. лист на ФНРЈ бр. 28/58) дел 4 точка 2 од Резолуцијата за образование на стручните кадри (Сл.лист на ФНРЈ бр.25/60 год.) и член 26, точка 1 од Статутот на Народниот одбор на Кумановска околија на одделни седници на Околискиот одбор и Соборот на производителите, одржани на 22.07.1960 година, Училиштето се преименува во ПЕРИОДИЧНО УЧИЛИШТЕ „ПЕРО НАКОВ“. Тука биле застапени: метален, дрвопреработувачки и текстилен смер, каде се одржувала теоретска настава, а практиката била изведувана во стопанските организации.
Во 1963 год. Училиштето се сели во нова зграда веднаш до Ученички дом „Професор Мијалковиќ“. Во 1981 год. со нова верификација училиштето се води како ООЗТ Училиште за занимање „Перо Наков“. Во 1983 год. се сели во друга нова и модерна зграда каде што е лоцирано и денес, во непосредна близина на Спортската сала а во 1985 год. со верификација на нови профили од трет и четврт степен, училиштето ге менува името во Училиште за средно насочено образование „ПЕРО НАКОВ“ со текстилна, кожаро-чевларска и дрвопреработувачка струка.
Во 1993 година, во состав на ова училиште преминуваат и економските паралелки, кои работеле во состав на Гимназијата „Гоце Делчев“ (а претходно постоеле како Економско училиште „Моша Пијаде“). Од тогаш училиштето се пререгистрира како Училиште за средно образование „Перо Наков“ со постоење на 3 струки: текстилна, кожарска и економска. Во 2004 год. училиштето е преименувано во Државно средно училиште, а од 2007 год. до денес, во Средно општинско училиште „Перо Наков“ со верифицирани струки: текстилно кожарска и економско-правна и трговска струка (во текстилно-кожарска струка, со профилите  конфекциски техничар, техничар за обувки, техничар за дизајн на облека, и во економско-правна и трговска струка, со профилите  економски техничар, техничар за трговија и маркетинг, деловен секретар, банкарски техничар и во наставата на албански наставен јазик, правен техничар). Наставата се изведува на македонски и албански јазик во две посебни училишни згради. Покрај многуте дипломи, благодарници и други признанија, училиштето има добиено и 2 Ноемвриски награди на ниво на Општина Куманово.

Мисија
Мисијата на нашето училиште оди во правец на комплексна воспитно-образовна работа која ќе резултира со поттикнување на личниот развој на ученикот и наставникот во безбедна и ненасилна средина, во атмосфера на меѓусебна доверба, како и градење на одговорни и ефикасни личности добро подготвени за натамошно школување или за конкурирање на пазарот на трудот, што значи задоволување на развојните потреби на учениците во согласност со воспитно-образовни стандарди.

Визија
Сакаме нашето училиште да понуди различни активности за поттик на личниот развиток на учениците преку подобрување на квалитетот на наставата и стручно усовршување на наставниците. Сметаме дека со тоа ќе станеме училиште во кое ќе привлекуваме ученици кои сакаат да учат и да градат постојани и трајни знаења, (без ex katedra стил), со тимска работа и почитување на индивидуалните белези на учениците.

 Наставен кадар
Воспитно - образовниот процес го изведуваат наставници со квалификациона структура, соодветна со потребите на училиштето во сите струки во паралелките со настава на македонски и со настава на албански јазик. Истите работат според Законот за средно образование и Статутот на Училиштето, како и по упатства од Бирото за развој на образовани, Министерството за образование и наука, како и  Центарот за средно стручно образование.
1. Менаџерски тим
За успешно менаџирање и работење на училиштето во моментов се грижи менаџерскиот тим кој го сочинуваат:
- Директор: Мила Жибак - Димковска

- Заменик директор : Лутвие Весели

- Сменоводители: Ивана Близнаковска Доцевска, Фросина Насковска , Албина и Авни . 

2. Педагошко - психолошка служба:
- Педагог – два (еден во настава на македонски јазик, Јовановска Фросина и  еден во настава на албански јазик, Гзиме Ајдини)
- Психолог- два (еден во настава на македонски, Ристевска Виолета и  еден во настава на албански јазик, Фазиле Бајрами)
- Дефектолог – два (еден во настава на македонски јазик, Ленче Јовановска Мишевска (Милена Пауновиќ) и еден во настава на албански јазик, Медина Демири (Бурим Зумбери))

- Социолог - еден во настава на македонски јазик, Анета Костовска

Соработка со други училишта
Училиштето има воспоставено соработка со училишта од други градови и држави како што се:
- Србија – со средно економско училиште од Ниш
- Романија - со средно економско училиште од Targu Jiu
- Португалија - економско училиште во Аркос Де Валдевез (воспоставена е соработка, изработена е и прифатена програма која ке се реализира во октомври 2012 год.)
- Шпанија - економски центар од Гранада (воспоставена е соработка, изработена е и прифатена програма која ке се реализира во октомври 2012 год.а ке патуваат 2 наставници и 15 ученици)
- Струмица
Целта на ваквата соработка е размена на искуства од воспитно - образовната работа, размена на посети на ученици и наставници, организирање и реализирање на заеднички спортски настани, маскембал, запознавање на друга култура на живеење, традиција и сл.

Copyright © 2017 Elkom Grup | web design | hosting solutions. All rights reserved.

Search